Виртуелен PyData Skopje собир март 2020


Details
Благодарам на сите што одговорија со заинтересираност за овој настан. Подолу е описот на настанот и кратки информации за предавачот. Овој PyData ќе биде виртуелен поради препораките во врска со коронавирусот. На сите што ќе одговорат за присуство ќе им пратиме линк до Zoom за да се приклучат на настанот. Се гледаме. :)
АПСТРАКТ: Во 20-от век академските списанија беа откупени од големи издавачи кои започнаа да наплаќаат многу пари за пристап до научните трудови. Во 21-от век време е да ја вратиме науката во јавниот домен со тоа што ќе ја направиме отворена. Во оваа презентација ќе ја претставам иницијативата NeuroLibre (neurolibre.conp.ca) која е дел од Канадската платформа за отворена невронаука (CONP.ca). Целта на NeuroLibre е да споделува научни анализи на начин што ќе им овозможи на научниците да ги реплицираат научните трудови на нивните колеги, но и да го употребат кодот од објавената анализа во нивните сопствени истражувања. За репликација на анализата NeuroLibre користи контејнери (Docker) и Jupyter тетратки, а технологијата е комплетно отворена и поддржана од инфраструктурата на канадската мрежа суперкомпјутери (Compute Canada и Calcul Quebec).
БИО: Никола Стиков ги има завршено дипломските и докторските студии на Универзитетот Стeнфорд (САД), а моментално е професор по биомедицински инженеринг на Универзитетот во Монтреал, Канада. Во последниве неколку години тој е посветен на иницијативата за поефективна и координирана научна комуникација меѓу научниците во неговото поле на истражување (невровизуелизација и магнетна резонанса), a истовремено се залага и за поголема достапност на науката до пошироката јавност. Од јануари до јуни 2020 Никола е визитинг професор на ФИНКИ и предава Истражувачка методологија заедно со Проф. Љупчо Коцарев и Медиуми и комуникација заедно со Проф. Владимир Трајковиќ.

Виртуелен PyData Skopje собир март 2020