Navigating the AI Shift in Data Science and Engineering
Details
Со почетокот на есента, PyData Skopje ја отвора новата сезона на предавања, дискусии и дружења!
На 21 октомври 2026 година, со почеток од 18:00 часот, ја започнуваме новата сезона со предавањето „Don’t Get Lost in the AI Wave: Navigating the AI Shift in Data Science and Engineering“, на кое ќе ни гостува д-р Ирена Бојаровска од Zalando SE. Ќе разговараме за промените што ги носи вештачката интелигенција во Data Science, Machine Learning и софтверското инженерство, како и за начините на кои можеме да ги искористиме новите технологии за да работиме поефикасно.
Со појавата на Agentic AI, сè повеќе преминуваме од рачно пишување код кон користење и координирање интелигентни AI агенти кои можат да автоматизираат задачи и да го забрзаат процесот на работа.
Но, со нови алатки, модели и технологии кои се појавуваат речиси секоја недела, предизвикот не е само да научиме да ги користиме. Како да останеме во тек со промените, да бидеме попродуктивни и притоа да не се изгубиме во морето од информации и новитети?
На ова предавање, Ирена ќе сподели практични пристапи, лични искуства и стратегии за користење на Agentic AI во машинското учење. Ќе дознаеме како овие технологии можат да го забрзаат експериментирањето, анализата на податоци и развојот на ML решенија, но и како да го задржиме фокусот, критичкото размислување и контролата врз сопствената работа.
Настанот ќе го започнеме со интерактивен квиз посветен на реалните навики и пристапи при користење на AI алатките. Потоа ќе следи предавањето на Ирена, а ќе завршиме со отворена дискусија и Q&A сесија, во препознатливиот дух на PyData заедницата, каде што сите присутни ќе имаат можност да поставуваат прашања, да разменат мислења и да споделат сопствени искуства.
Д-р Ирена Бојаровска работи како Applied Scientist во Zalando SE, каде што се занимава со прогнозирање, моделирање на цени и донесување деловни одлуки базирани на податоци.
Нејзиното професионално и академско искуство ги поврзува применетата математика, машинското учење и научното истражување. Во својата работа истражува како новите AI модели можат да го забрзаат експериментирањето и да придонесат кон донесување подобри деловни одлуки.
Нејзиниот фокус не е само на точноста на предвидувањата, туку и на стабилноста на моделите, нивното влијание врз реалните деловни процеси и начинот на кој вештачката интелигенција го менува научноистражувачкиот процес, скратувајќи го патот од првична идеја до функционален прототип.
